Култот кон сонцето е сосема разбирлив како најважно небесно тело и најзначајна појава во природата, а директно се поврзува и со култот кон огнот, како еден од симболите на сонцето.
Палењето на огнови во некои празнични денови е симболично претставување на сонцето. Како негов симбол се јавува и кругот, како и венците од цвеќиња. Култот кон сонцето е сврзан со неговата светлина и топлина, и воопшто со неговото значење за животот на земјата.
Во Македонија распространети се низа верувања поврзани со култот кон сонцето. Според некои од нив, на зима сонцето грее послабо зошто остарело, а на пролет повторно зема сила (Малешево); од Младенци патот на сонцето станува подолг (Гевгелиско); животот на сонцето трае колку сто трае и еден ден, се раѓа во зората и умира во мракот, за да во новиот ден се обнови неговиот живот; сонцето паѓа во морето и наутро повторно излегува (Скопско).
Сонцето се именува како Бог, машки принцип, а сончевиот симбол се открива и преку крстот, розетата, свастиката, кругот. Во народната култура претставувањето на симболите на сонцето во орнаментиката, камената пластика и дрворезбата се среќаваат и прстен, јајце, орел, ластовица, коњ, елен. Во преданијата постапките на сонцето не се разликуваат од оние на човекот. Сонцето има мајка, брат и сестра, но никаде не се споменува неговиот татко, што одговара на статусот на мајката во матријархатот. Сонцето сака да се ожени со својата сестра месечина, но и со земна девојка.
Кај Македонците, постои верување дека имало три сонца, но змијата ги испило другите две. Воопшто, многу празници и обреди кај Македонците имаат соларна симболика.
Најдете ја англиската верзија на овој текст тука.